Ја враќаме довербата на земјоделците и агробизнисмените во Владата

Многу често знаев да кажам дека поранешната влада имаше тактика да стои настрана од секој проблем и виновниците да ги посочи на чинителите во тој сектор. Никогаш владата не беше виновна за ништо. Ако имаше проблем со пласманот, секогаш беа виновни трговците, ако се покачуваше цената на лебот виновни беа мелничарите, за неисплатено грозје виновна беше винаријата, за ниската цена на јагнето, виновни откупувачите, за нереалната проценка на класите на тутун, виновни монополите итн. А проблемот со пласманот е проблем на државата (не може да субвенционираш производство, а да не ти е грижа каде ќе се пласира) постои закон,  кој го регулира откупот и кој треба да се почитува за исплата на откупениот род. Постојат мерки согласно Законот за земјоделство и рурален развој со кој може да се интервенира на пазарот доколку дојде до негово нарушување. Просто, постои начин како да се заштитат земјоделците и да им се овозможи едно сигурно и стабилно земјоделско производство.

После 6 месеци внатре во институциите гледам кој е резултатот на ваквото перфидно работење на минатата влада изминативе години – Земјоделците и откупувачите, наместо партнери во работата се „смртни непријатели“. Никави договори не постојат, никаква соработка меѓу нив, никаква доверба. Минатата влада, наместо да создава услови да се развива договорното производство и да ја јакне довербата меѓу чинителите во тој сектор или процес, со стоењето настрана, свесно ги раздели.. за да владее. Некои од нив и ги форсираше односно уценуваше зависно од интересите на поединци или ако одговараше на популистичкиот модел на делување. Некои воопшто не биле консултирани, со години немале влезено во зградата на Владата и Министерството за земјоделство, а за измените на законите и правилниците дознавале од медиумите.

Сега почнуваме од нула, почнуваме разговори, ги среќаме на заедничка маса,  земјоделците и трговците,  сточарите и откупувачите, агробизнисмените и извозниците. Само заеднички можеме да ги поставиве работите на здрава основа од која ќе произлезат долгорочни решенија. Ни се чудат и едните и другите, гледате дека не ви веруваат во добрите намери. Подготвени на одбрана од напад, очекуваат  секој момент некој нешто да им нареди, закани или услови. Главниот проблем што го имам во разговорите со сите нив ми е да ги убедам да имаат доверба дека работите се менуваат. Главната порака до нив ми е, владата е тука да ги создаде условите за стопанисување кои ќе бидат во интерес и на земјоделските производители и на трговците, откупувачите, преработувачите. Само заеднички можеме да ги поставиме работите на здрава основа од која ќе произлезат долгорочни решенија. Примерот  со субвенциите. Тие се за да може земјоделецот да има помали трошоци поквалитететен производ кој ќе биде конкурентен со што земјоделците ќе заработат повеќе. Ова е во интерес и на трговците, откупувачите, извозниците бидејќи нашите производи се среќаваат на странските пазари каде што доаѓаат високосубвенционирани земјоделски производи. На тој начин и тие имаат интерес со конкурентен производ, а крајното е влез на девизи во државата и намалување на трговскиот дефицит.

Никави други интереси не се во игра. За ова ќе треба време, но тоа работи во наш интерес, знам дека сме на добар пат, знам што ќе правиме и како ќе работиме. Резултатите ќе ги видиме сите.

Ленче Николовска

Посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РМ.